Општина Центар ќе ја намали катноста на предвидените објекти што треба да се градат на паркингот спроти хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје. Градоначалникот Саша Богдановиќ повтори дека ДУП – от „Голем Ринг – Исток“ за оваа локација е ставен под мораториум, така што новиот сопственик на земјиштето нема да може да добие одобрение за градење. „Такви габаритни градби, не само таму, туку и во било кој дел од Центар нема да има. Во новите ДУП – ови значителен и видлив ќе биде стремежот за нови зелени површини и паркови“ изјави градоначалникот Богдановиќ. Тој дополни дека граѓаните ќе бидат навремено информирани за донесувањето на новиот ДУП за оваа локација и ќе можат да се вклучат во јавната расправа.
И заменик – министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули појани дека на локацијата спроти „Холидеј ин“ во моментов нема да може да се гради, бидејќи ДУП – от е ставен под мораториум. Заменик – министерот вети дека идниот инвеститор по донесувањето на новиот ДУП од општина Центар ќе мора да го почитува новиот закон за зеленило, којшто предвидува зголемување на процентот на зелена површина во рамките на новоизградениот објект. „Правилникот, што беше обврска на Министерството за животна средина и просторно планирање, е готов и тој ќе биде објавен деновиве“ појасни тој.
Двата нови сопственици на земјиштето спроти хотелот „Холидеј ин“ се фирмите „Обновители“ и „М.Г. Фешн“ од Скопје. Тие го докупија градежното земјиште преку Министерството за транспорт и врски по пат на непосредна спогодба. Новиот сопственик платил 19.200 денари за метар квадратен од атрактивното земјиште, што многумина од јавноста го протолкуваа како премалку за ваквата локација во центарот на Скопје. „Правните лица можеле да се стекнат со државното земјиште само со покренување постапка за дооформување на парцелата од 13.653 метри квадратни“ посочија од ова министерство. Тие дополнија дека е постигната највисоката можна цена за постапките каде што се склучува непосредна спогодба.