Претходна статија
Од понеделник граѓанска реакција на носењето на ДУП-овите за Карпош 3 и Тафталиџе 1
Следна статија
Започна санацијата на коритото на реката Струмица

Владата се мисли каде да ја гради марината во Охрид

Објавено на 09.01.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Премиерот Никола Груевски за време на денешната посета на Охрид информираше дека замислената марина дефинитивно ќе се гради и дека во таа насока е објавен архитектонски Конкурс за избор на идејно решение за две локации. Со најновата владина одлука се ретерира од претходно изградениот став дека градската марина ќе се издигне на местото на Студенчишкото блато, која повторно останува во игра. Премиерот Груевски посочи дека едната локација е постоечкото пристаниште во градот, додека втората локација е кај каналот на Армијата на Република Македонија. Според него, по изготвувањето на идејните решенија ќе се одлучи на која локација ќе се гради марината.

 

 

„Има луѓе што сметаат дека треба на едното место, а други кај другото па затоа јавниот повик е да се изработи идејно решение за двете места. Потоа ќе се одлучи на кое и ќе се продолжи со правење проект и со изведба. Очекуваме работите да одат во добра насока и по завршувањето на идејниот и основниот проект ќе се оди на градба. Финансиската конструкција е обезбедена“, рече Груевски. Тој посочи дека во функција на развој на туризмот во Охрид во претстојните месеци ќе се градат плажите во Љубаништа и во Дебарца. Архитектонскиот конкурс за избор на идејно решение за идната охридска марина е отворен до 29 јануари.

 

Македонските екологисти во изминативе месеци се спротивставија на идеите за изградба на охридската марина на местото на Студенчишко блато. Охридската граѓанска иницијатива „Охрид СОС“ во јуни 2015 година му достави барање на охридскиот градоначалник Никола Бакрачески за мораториум за спроведување на активностите за урбанизација на Студенчишкото блато. „Доколку се спроведе урбанизација на Студенчишко блато влијанија ќе постојат врз растителните заедници кои се со многу ограничена распространетост, како и врз видовите на растенија и алги кои се среќаваат само во блатото и на ниту едно место во светот“, посочија тогаш од „Охрид СОС“.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk