Претходна статија
„RealEx“ по втор пат
Следна статија
Нови планови за македонските патишта и автопатишта

Владата пресече – најпрвин ќе се гради гасовод до ТЕ „Неготино“

Објавено на 27.02.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Со финансиските средства обезбедени од рускиот клириншки долг приоритет ќе му се даде на 96 километри долгиот гасоводен правец од Клечовце преку Штип до ТЕ „Неготино“, одлучи денес владиниот Економски совет. Намерата е со гасоводниот крак да се донесе овој енергенс до централниот дел од Македонија и на тој начин да се создадат услови за трансформација на постоечката термоелектранa во Неготино, која наместо мазут, во иднина би користела природен гас како погонско гориво за производство на електрична енергија.

 

ТЕ Неготино (извор: официјален веб сајт на термоелектраната)Капацитетот на планираниот гасоводен крак би бил доволен и за изградба на уште една гасоводна електрана во близина на постоечката ТЕ „Неготино“, покрај планираното намирување на потребите за индустријата и граѓаните од овој регион. „Сега Владата се определи за оваа траса како приоритетна, а во понатамошните фази ќе се реализираат и останатите траси од магистралниот гасовод кои ќе ја опфатат делницата што ќе поминува покрај Хамзали, Струмица, Валандово до границата со Грција, како и делот од Скопје, Тетово, Гостивар, во однос на кои средства ќе добиеме од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) до крајот на следната година“, изјави министерот Ставрески.

 

Владини претставници во неколку наврати напоменуваа дека во текот на 2012 година се очекува да започне изградбата на гасоводот на територијата на Македонија, сепак засега ниту една надлежна институција не соопштува конкретни рокови за тоа кога ќе започне целиот процес. Македонија уште во средината на 2010 година го потпиша договорот со Русија за подмирување на долгот на некогашниот Советски сојуз во износ од 60 милиони долари, но активностите на терен доцнат повеќе од една и пол година. Според техничката документација за основните и изведбените проекти за магистралните правци, во Македонија ќе се простира гасовод во должина од 410 километри. Она што треба допрва да се изгради е планирано да се финансира преку рускиот клириншки долг, финансиски заем од ЕБРД, но и сопствени средства што ќе се обезбедат од државниот буџет.