Со дел од средствата од неизградениот карго аеродром во Штип и со финансии од европските ИПА фондови е предвидено да се градат модерни депонии во земјава. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска најави дека владата ќе работи на отворање на четири регионални депонии, каде што ќе се врши собирање и преработка на отпадот. Од собраниот отпад би можело да се произведува енергија, технологија што со години наназад се применува во земјите – членки на ЕУ. Ваквиот модел на функционирање на регионалните депонии ќе го реши проблемот со натрупување отпад на овие локации, коишто денес се користат единствено за складирање на отпадот.
„Прво ќе бидат издвоени нормално металите, па пластиката, посебно ќе се издвои органскиот отпад, од кој може да се произведе био гас, а од него понатаму да се произведе електрична енергија. Додека од целиот согорлив отпад може да се направи РДФ гориво кое ќе се користи за индустриски потреби“ изјави вицепремиерот Анѓушев. Неговото обраќање на оваа тема беше во рамки на конференцијата „Загаденоста на воздухот и нерегулирани депонии“, во организација на Балканската асоцијација за животна средина (БЕНА).