Претходна статија
A' Design Awards 2016 ги очекува македонските архитекти и дизајнери
Следна статија
Градоначалникот Бакрачески ветува капитални проекти во Охрид

Владата предлага „хрушчовки“ и „брежњевки“ населби во општините

Објавено на 04.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонската влада планира да воспостави типски населби во секоја општина од нашата земја, во соработка со локалните самоуправи. Проектот ќе се интегрира на начин што на граѓаните ќе им се понуди земјиште за изградба на куќи по цена од 1 евро за метар квадратен. „На овој начин ќе овозможиме дополнителна поддршка на семејствата, и огромна заштеда на трошоци за купување на земјиште, имајќи во предвид дека цената на градежното земјиште во некои градови е и по 100 и 200 евра за метар квадратен“, посочува владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

 

Македонската влада планира да го спроведе проектот преку Министерството за транспорт и врски, кое има распишано оглас за доставување на предлози за изработка на урбанистички планови од страна на сите македонски општини. Самите документи би биле изработени од Агенцијата за планирање на просторот. Од извршната власт денес стигнаа информации дека типските населби ќе мора да имаат најмалку 100 куќи, при што урбанистичките планови за овие објекти ќе се финансираат преку државниот буџет. Владата планира да помогне во изнаоѓање на државно земјиште за изградба на ваквите населби, но и да помогне во останатиот дел што е поврзан со градежното земјиште.

 

Целокупната постапка за изградба на типски населби ќе се реализира во неколку фази. Најпрво, најдоцна до 10 февруари локалните самоуправи треба да достават предлози за изработка на урбанистички планови. Од владата очекуваат дека ќе се создадат предуслови за изградба на типските населби во втората половина од 2016 година, до кога е предвидено да се завршат неопходните процедури. Продавањето на земјиштето за изградба на куќи ќе се одвива по пат на електронско јавно наддавање.

 

Изградбата на типски населби низ светот е идеја на дваесеттиот век, застапена во форма на цели населби со идентични куќи во Соединетите Американски Држави и во западноевропските земји. Од друга страна, фаворизирањето на државата на типски објекти за домување било карактеристично за земјите од Источна Европа и Советскиот сојуз во времето на комунизмот. Некогашните згради за колективно домување, меѓу граѓаните од Советскиот сојуз популарно наречени „хрушчовки“ и „брежњевки“, биле градено во идентичен архитектонски стил на просторот меѓу Берлин и Владивосток сè до распадот на недемократските режими во 1989 година.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk