Над 60 патни правци низ земјава ќе се градат, реконструираат и рехабилитираат со обезбедените средства во висина од 270 милиони евра. Премиерот Зоран Заев на денешната прес – конференција обелоедни дека македонската влада за годинава обезбедила финансии за обнова на патната инфраструктура во должина од околу 800 километри. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески информираше дека годинава ќе бидат пуштени во употреба автопатите Демир Капија – Смоквица и Миладиновци – Штип. Во 2018 година ќе се заврши и реконструкцијата на делницата Неготино – Демир Капија, а веќе е комплетирана санацијата на автопатот меѓу Скопје и Куманово во двата правци.
Од владата информираат дека годинава ќе продолжи изградбата на автопатот Кичево – Охрид, но и на три нови експресни патишта. Со средства од 100 милиони евра ќе се градат делниците од Штип до Радовиш, од Ранковце до Крива Паланка и втората фаза од Прилеп до Градско. Премиерот Зоран Заев објасни дека со годинешниов буџет се обезбедени околу 20 милиони евра за рехабилитација на регионални патишта во должина од 230 километри. Со 86 милиони евра обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) се планира реконструкција на 26 патни правци во должина од 422 километри.
Со 14 милиони евра од Светска банка ќе се работи на рехабилитација на 13 патишта во должина од околу 150 километри. „Дел од проектите ќе бидат завршени оваа година, дел ќе бидат започнати, но еден дел се очекува да бидат комплетирани во различни временски интервали следните неколку години“ изјави премиерот Заев.