Претходна статија
Гасификацијата на Куманово наидува на проблеми
Следна статија
И компаниите ќе можат да ја искористат мерката за откуп на земјиштето

Владата најавува околу 100 милиони евра за македонските патишта во 2013 година

Објавено на 20.01.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Источната магистрала на потегот од Велес до Кадрифаково и автопатската делница од Велес до Катланово ќе се реконструираат во претстојната година. Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев на денешната прес – конференција ги обелодени проектите од Програмата за изградба и реконструкција на македонските патишта за 2013 година. За оваа намена од буџетот се предвидени околу 100 милиони евра. Во наредните 12 месеци ќе бидат санирани и изградени 11 регионални патишта во должина од 16 километри, за кои ќе се потрошат 30 милиони евра. Патот од Велес до Кадрифаково ќе се прошири од постојните 6,7 на 11 метри со две нови коловозни ленти. Интервенција во висина од околу 8 милиони евра е предвидена и за дотраената автопатска делница од Велес до Катланово, чија вкупна должина изнесува 24 километри. Градежната оператива и во претстојната година ќе продолжи да го изведува автопатот од Демир Капија до Смоквица, за што е обезбедена целосната финансиска конструкција.

 

 

 

 

Владината програма предвидува да бидат изградени и реконструирани вкупно 162 километри од 133 локални патишта, преку инвестиција во вредност од 17 милиони евра. Нивната реализација ќе се одвива во три дела, во првиот дел ќе бидат изведени 23, во вториот 30, додека во третиот дел ќе бидат започнати 80 локални патишта. Владиниот портпарол напомена дека во претстојната година ќе се вложат 5 милиони евра во санација на дел од постоечките траси во должина од 70 километри: Липково – Арачиново, Тетово – Јажинце, Опае – Станчиќ, патот кон локалитетот Сончев Град, врската помеѓу Изворски мост и Гарски мост, како и поврзувањето со туристичкиот центар Кожув. „Програмата е реална и остварлива и во изминатите три години 96% од истата е реализирана“, истакна во своето излагање портпаролот Ѓорѓиев.