Изградбата на Клиничкиот центар во Скопје останува еден од најзначајните приоритети на македонската влада, а конечната одлука за овој капитален проект ќе биде донесена на една од наредните владини седници. Овој став на извршната власт беше соопштен по денешната средба на премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче со делегацијата на Банката за развој на Советот на Европа, предводена од Витомир Мајлс Рагуз. На денешната средба беа претставени фазите на реализација на проектот, вклучувајќи ги и надополнетите моменти на проектната документација за новиот клинички центар. Тие се однесуваат првенствено на инфраструктурните и сообраќајните решенија.
*Извор на фотографија: Влада на Р.М.
Банката за развој на Советот на Европа го обезбеди најголемиот дел од кредитот за изградба на новиот Клинички центар. Новото владино раководство во текот на минатото лето спроведе ревизија на склучениот договор за изградба на комплексот. Финалниот договор од над 80 милиони евра беше доделен од претходната влада на италијанско – македонски конзорциум, предводен од „Инсо системи“ од Италија, „Бетон“ од Скопје и „Гранит“ од Скопје.
Дел од стручната јавност ја критикуваше идејата за останување на постојната локација на Клиничкиот центар, а претходниот министер за здравство Арбен Таравари ја поддржа намерата за изградба на целосно нов комплекс на периферијата од Скопје.