Вкупно 21 милиони денари биле исплатени од државниот буџет во 2018 година за субвенции за набавка на печки за греење на пелети за македонските домаќинства. Министерството за економија организираше два огласи преку кои се доделија вкупно 642 субвенции на оние домаќинства што поднеле барање за надоместување на дел од трошоците за набавка на овие грејни тела. Од надлежното министерство пред неколку дена ги објавија резултатите од вториот по ред јавен повик, на кој се доделени 209 субвенции на граѓаните. На претходниот повик, изминатата пролет беа распределени дополнителни субвенции на 433 домаќинства.
Владат преку државниот буџет има предвидено средства за надоместување на дел од трошоците за набавка на печки за греење на пелети и во претстојната 2019 година. Како и досега, очекувањата се наредниот јавен повик до граѓаните да се објави во текот на следниве недели. Со владиниот проект се врши замена на дотраените печки на јаглен, нафта, дрва и мазут во македонските домаќинства, со што директно се влијае врз намалување на загадувањето на воздухот и стимулирање на употребата на обновливи извори на енергија.