Министерството за транспорт и врски бара консултантска компанија што ќе изработи Физибилити студијата за оправданост од доделување на договор за воспоставување на јавно – приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на голф терени во Македонија. По подготовката на документот, веројатно е дека извршната власт ќе распише и повик за пронаоѓање на приватен партнер што ќе ги реализира најавените спортски терени на неколку локации во земјава. Заинтересираните консултантски куќи треба да ги достават своите понуди најдоцна до 31 март.
Македонската влада во септември минатата година соопшти дека ја разгледува опцијата за пронаоѓање инвеститори за изградба на голф терени во општините Зелениково и Дојран. Во изминатиот период се спроведоа постапки за урбанизација на градежното земјиште на овие општини, но притоа истото не беше отуѓено од Министерството за транспорт и врски. Според тогашните информации што ги објави Владата, токму Зелениково и Дојран имаат идеални услови за голф игралишта со својата географска локација и климатски услови. Најавениот спортско – рекреативен центар во Зелениково би се простирал на површина од 65 хектари, додека голф терените во општина Дојран би се протегале на околу 60 хектари.
Бојан Блажевски