Претходна статија
Ќе се реконструира градскиот пазар во Демир Хисар
Следна статија
Заврши изградбата на кејската улица „Гоце Делчев“ во кочанско Оризари

Владата ќе крои национален план за справување со загаденоста на воздухот

Објавено на 20.09.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Заменик – министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули денеска изјави дека владата ќе формира Интересорска работна група за следење на состојбата со амбиенталниот воздух и дефинирање на соодветни препораки и мерки за подобрување на квалитетот на воздухот. Во оваа група ќе членуваат претставници од неколку институции, а министерот Макрадули ги покани еколошките организации и здруженијата на граѓани на соработка со извршната власт. Одлуката на владата доаѓа по изнесениот список на барања од 13 еколошки организации, здруженија на граѓани и граѓански иницијативи за преземање на итни мерки за заштита на воздухот и почвата во земјава.

 

Заменик – министерот Макрадули денеска најави и изработка на нов национален план за заштита на амбиенталниот воздух. Владата планира да се предложат измени во законската легислатива, со што ќе се овозможи спроведување на десетици мерки за заштита на воздухот во земјава. Во делот на заштитата на почвата, од Државниот инспекторат за животна средина денеска излегоа со информации околу решавањето на проблемот со депонијата на линдан во кругот на фабриката „ОХИС“ во Скопје. Наредниот месец ќе започнат детални истражувања за утврдување на загадувањето на почвата, водата и воздухот со линдан во околината на хемискиот комбинат.

 

По истражувањето, од Државниот инспекторат се надеваат дека во најскоро време ќе започне ремедијација на помалата депонија, за што се обезбедени средства. За главниот проблем со големата депонија на линдан ќе мора да се пронајдат дополнителни средства. Како што јавува „Радио МОФ“, од Државниот инспекторат за животна средина сметаат дека најпрво ќе треба да се изведе преодно решение со посебна гумирана текстилна покривка, со што ќе се заштити воздухот од загадување.

 

За преземање на итни мерки за заштитата на воздухот и околната животна средина во Скопје во текот на утрешниот ден ќе се организира протестен марш од седиштето на владата до населбата Карпош 3. Протестот го организираат „О2 Коалицијата за чист воздух“ и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.