Како и во изминатите пет години, македонската влада за оваа година одвои финансиски средства за субвенционирање на граѓаните што ќе вградат сончеви колектори во своите домови. Министерството за економија денеска го распиша огласот со кој се повикуваат граѓаните да аплицираат за поврат на дел од средствата кои ги инвестирале во обезбедување сончеви колекторски системи, и тоа до 30%, но не повеќе од 300 евра, од трошоците за нивна набавка и вградување. Право на учество на огласот имаат граѓани кои ќе инвестираат во користењето на сончевата енергија заклучно со 31 мај 2014 година. На огласот можат да учествуваат оние домаќинства што досега не добиле поврат на финансиски средства по оваа основа во периодот од 2007 до 2013 година. Јавното извлекување на лицата што ќе се стекнат со право на надоместок ќе се одржи на 7 јуни во спортската сала „Борис Трајковски“.
За да можат да учествуваат, граѓаните ќе треба да достават барање за искористување на правото на надоместок, заедно со фискална сметка или фактура со извод од деловна банка по денот на објавувањето на огласот. По извлекувањето на барателите на надоместок, надлежното министерство ќе испита дали добитниците ги исполнуваат критериумите за искористување на субвенцијата. Проектот за покривање на дел од финансиските средства вложени во сончевите колектори во домовите започна во 2007 година, со цел да се стимулира користењето на сончевата енергија во земјава.