Претходна статија
Општина Карпош со тендери за двата објекта на градинката „Мајски цвет“
Следна статија
Тендер за втората фаза од реконструкцијата на водоводот во Ресен

Владата го поништи архитектонскиот Конкурс за студентскиот дом „Тодор Александров“

Објавено на 05.10.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Владината служба за општи и заеднички работи го поништи Конкурсот за избор на идејно архитектонско решение за изградба на студентскиот дом „Тодор Александров“ во скопската населба Карпош 1. „Настанале непредвидени промени во буџетот на договорниот орган“, се наведува во краткото образложение објавено на веб-страницата на Бирото за јавни набавки. Претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ планираше да гради ваков сместувачки капацитет на булеварот „Илинден“, во зеленилото спроти гимназијата „Орце Николов“. Архитектонскиот конкурс за овој објект беше распишан кон средината на март годинава.

 

 

Од владата во наредниот период ќе треба да одлучат дали ќе продолжат со реализацијата на овој проект. Студентскиот дом „Тодор Александров“ беше предвидено да се гради на парцела од 2.872 метри квадратни. Објектот би се простирал на површина од 10.073 метри квадратни, а неговата локација е во непосредна близина на комплексот технички факултети во населбата Карпош 2. Ако се гради, тоа би бил првиот објект со поголема квадратура што би се изградил на булеварот „Илинден“ од страната на Градскиот парк, со исклучок на Природонаучниот музеј и Зоолошката градина.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk