Во изминативе три години најмногу одобренија за градење биле издадени за објекти од високоградба, при што вредноста на нивната реализација имала најголем удел во градежништвото. Вкупно 61,5% од издадените градежни дозволи во 2016 година се однесувале на објекти од високоградба, а нивното учество е 70,5% од вкупната вредност на сите планирани објекти. Вредноста на одобренијата за градење кај објектите од нискоградба лани изнесувала 21,7%.
Во публикацијата „Македонија во бројки 2017“ се наведува дека транспортната инфраструктура лани имала најголемо учество во извршените градежни работи кај објектите во јавниот сектор. Дури 46,2% од извршените работи на деловните субјекти се однесуваат на транспортната инфраструктура, а дури потоа следуваат нестанбените згради и градежните работи за реконструкција, санација, адаптација, големи поправки и редовно одржување на објектите. За разлика од ланската состојба, транспортната инфраструктура во 2011 година имала учество од само 19,9% во вкупната вредност на извршените градежни работи во објектите во јавниот сектор.