Идејата за изградба на нов театар „Центар“ на местото на сегашниот монтажен објект на театарот „Комедија“ [»мапа] никако да мрдне од мртва точка повеќе од седум години. Според првичните владини планови, новото театарско здание требаше да биде комплетирано најдоцна до 2015 година. Но, во реалноста проектот е заглавен кај пронаоѓањето заинтересиран инвеститор за атрактивната локација во центарот на Скопје. Министерството за култура на почетокот од јануари годинава распиша оглас за воспоставување на јавно – приватно партнерство за реализација на проектот, но овој чекор не резултираше со објавување позитивна вест за пронаоѓање на инвеститор.
Надлежното министерство одлучи да трага по приватен инвеститор за новиот објект со приземје и 10 ката, откако изработената физибилити – студија на „Грант Торнтон“ покажа дека е економски исплатливо да се спроведе изградбата по пат на јавно – приватно партнерство. Во меѓувреме, во програмата за работа на Владата на Р.М. од областа на културата и уметноста за периодот 2014-2018 година исчезна проектот за изградба на новиот театар „Центар“.
Театарскиот објект што треба да го краси централното градско подрачје би имал површина од 30.945 метри квадратни. Првичната идеја за остварување на овој проект беше пласирана во 2008 година. На распишаниот архитектонски Конкурс во текот на 2009 година беше избрано победничкото идејно решение на архитектите Минас Бакалчев и Митко Хаџи – Пуља, кои го креираа трудот во соработка со Никола Стрезовски, Саша Тасиќ, Бетим Зекири и Бесијан Мехмети. На основниот проект се работеше во 2013 година од страна на „Монтимпекс – Инженеринг“ од Скопје.
» Форумска дискусија за овој проект
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk