Претходна статија
Крива Паланка со нова општинска зграда
Следна статија
Нов далновод во Зелениково

Ветувањата за Чебрен и Галиште преживеаја два општествени система

Објавено на 20.07.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Поглед на Чебрен - извор на фотографијата: ЕЛЕМДва општествени система, шест тендери, неколку влади и бројни министри заминаа, но изградбата на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“ сеуште не започна. Последната информација поврзана со овие крупни енергетски проекти говори дека крајниот рок за доставување на финалните понуди за изградба на хидроелектраните е одложен до ноември годинава, наместо првичниот рок од 29 јули. Според информациите на весникот „Нова Македонија“, досега ниту една од квалификуваните компании не доставила понуда, иако до истекот на првичниот рок има уште неколку дена.

 

Продолжувањето на рокот за доставување на конечните понуди на потенцијалните инвеститори за седмиот по ред тендер е последниот од низата неуспешни обиди за конечно отпочнување на изградбата на овие значајни енергетски објекти за Македонија. Досега пропаднаа шест тендери преку кои се бараше компанија која е подготвена да ги изгради двете хидроелектрани на Црна Река. Во јануари 2010 година беше избран и консултант на владата за тендерот за изградба на „Чебрен“ и „Галиште“.

 

Кон крајот на март годинава заврши претквалификационата фаза за избор на концесионер за изградба на „Чебрен“ и „Галиште“, при што истата ја поминаа 10 компании кои треба да достават понуди. Во втората фаза влегоа компаниите „AES Electric Ltd“ од Обединетото Кралство, „Edison S.p.A“ од Италија, „Energo-Pro“ од Чешка, „EVN AG“ од Австрија, „Public Power Corporation S.A.“ од Грција, „Strabag AG“ од Австрија, како и четири конзорциуми – „China Water Electric“ и „China Three Gorges Corporation“ од Кина; „Korea South East Power“ и „Daelim Industrial“ од Јужна Кореа; „Lanco Infratech“ (Сингапур), „Korea Midland Power“ (Ј. Кореа) и „Korea Hydro & Nuclear Power“ (Ј. Кореа); „A.Porr AG“ (Австрија) и „Landsvirkjun Power“ (Исланд).

 

Моменталните проблеми околу оддолжувањето на рокот за доставување на финалните понуди на инвеститорите претставува еден мал сегмент од  неуспешната историја на проектот за хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“, кој се развлекува уште од времето на бивша Југославија. Според податоците од Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), основниот проект за ХЕЦ „Чебрен“ е изработен уште во 1963 година, при што во 60 – тите години на изминатиот век е изработен и идеен проект  во кој како инвеститор се јавува тогашното Електростопанство. Две децении подоцна, во 1986 година повторно бил склучен договор за изработка на идеен проект и инвестициона програма, а во 1990 година е завршена изработката на идејниот проект со инвестициона програма за ХЕЦ „Чебрен“. Во 2003 година е изработена и физибилити студија за инвестициони можности во системот Црна Река.

 

Речиси идентична е судбината и на проектот за хидроелектраната „Галиште“. Според информациите од ЕЛЕМ, инвестиционо – техничката документација за оваа хидроелектрана на ниво на идеен проект е изработена од ХЕП – Скопје во 1989/1990 година. Во согласност со изработената физибилити студија за системот Црна Река, изградбата на двете хидроелектрани ќе чини околу 540 милиони евра, при што 338 милиони евра би се одвоиле за „Чебрен“ и 200 милиони евра за „Галиште“. Наспроти ваквата пресметка, преку изјави за медиуми се лиферуваа различни цени за изградбата на хидроелектраните, почнувајќи од 450 милиони па дури до 700 милиони евра. Огромните разлики во предвидувањата на финансиската конструкција за овој проект претставува уште еден индикатор кој го покажува нискиот степен на сериозност со кој е пристапено кон изградбата на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“.

 

##

 

 

Бојан Блажевски