Со завршувањето на изградбата на ветерниот парк „Богданци“ се зголемува уделот на обновливата енергија во вкупното производството на електрична енергија во Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика, ветерните електрични централи во текот на мај 2014 година произвеле 6.191 MWh електрична енергија, што претставува удел од 1,4% во вкупното бруто домашно производство. Со реализацијата на овој енергетски проект се зголеми и учеството на обновливите извори на енергија во вкупното производство, кое во петтиот месец од годинава изнесувало 18,3%. Притоа, хидроелектраните со 16,5% и понатаму имаат најголем удел во продуцирањето на зелена енергија.
И покрај ваквите позитивни придвижувања, учеството на обновливата енергија во производството на електрична енергија силно варира, во зависност од хидролошката состојба во земјава. За споредба, во статистичкиот извештај „Одржлива енергија, 2014“ се наведува дека учеството на обновливата енергија во вкупната потребна енергија во 2012 година изнесувало 9,8% и истото се намалило во споредба со претходната година, поради падот на производството на хидроелектрична енергија. Во согласност со Европската стратегија за одржлив развој, 21% од потрошувачката на електрична енергија до 2020 година би требало да биде обезбедена од обновливи извори.