Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Привршува изградбата на „Јахја Кемал“ во Тафталиџе
Следна статија
Велосипедите за изнајмување на зимски распуст до април

Ветерот ја пишува судбината на карго – аеродромот во Штип

Објавено на 30.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Проектот за изградба на карго – аеродром во Штип тече според предвидената динамика. Уште од март 2010 година, во континуитет се вршат неопходните метеоролошки мерења за потребите за изградба на овој инфраструктурен објект. Од „ТАВ Македонија“ велат дека мерењето на метереолошките податоци ќе продолжи до 2020 година, со цел да се добијат детални резултати што ќе ја определат поставеноста на аеродромската писта. Врз основа на изработената анализа за позиционираноста на полетно – слетната патека ќе се изработува проектната документација за изградба на штипскиот аеродром.

 

 

 

Од „ТАВ Македонија“ за „Билд“ истакнуваат дека има доволно време за подготовка на целокупната документација за аеродромот, истовремено нагласувајќи дека и понатаму се заинтересирани за реализација на карго – аеродромот. „Ќе постапиме според концесискиот договор и одлуката на владата“ велат од компанијата. Ако постојат одредени пречки за остварување на овој проект, тогаш планираните финансиски средства од договорот може да се префрлат на надградување на аеродромите во Скопје и во Охрид. Сепак, клучната улога во преземањето на ваков потег ќе ја има македонската влада.

 

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека изградбата на штипскиот аеродром треба да започне во 2020 година, при што рокот за неговото завршување е три години. „За реализација на проектот донесена е Детална урбанистичка планска документација – ДУПД за карго – аеродромот „Филип II“ во Штип, врз основа на која „ТАВ Македонија“ е потребно да изработи соодветна документација за градба“ напоменуваат од ова министерство.

 

„ТАВ Македонија“ ќе треба да ја изгради полетно – слетната патека во должина од 2.400 метри, со ширина од 45 метри и со можност за нејзино проширување до 3.000 метри, за да може да функционира како алтернативен аеродром за цивилната авијација. Воедно, турската компанија е должна да инвестира во терминална зграда со површина од минимум 3.850 метри квадратни и со можност за нејзина натамошна доградба, но и да набави, проектира и изведе два хангари, заедно со потребната опрема.

 

Како дел од идниот карго – аеродром во Штип, ќе биде изградена управна зграда со површина од 1.000 метри квадратни, простории за македонската царина и полиција и два хангари за паркирање на авионите. Инфраструктурниот објект ќе има паркинг со капацитет од 200 возила и пристапен пат со должина од пет километри. Реализацијата на штипскиот аеродром „Филип II“ е преземена обврска на „ТАВ Македонија“ со потпишувањето на концесискиот договор во вредност од 200 милиони евра, на почетокот од март 2010 година.

 

 

Бојан Блажевски