Општинските власти од Велес денеска објавија два тендери за изработка на проекти со кои би се заживеало вештачкото езеро Младост. Од проектантските бироа се бара да изготват проект за пејсажна архитектура за крајбрежниот појас на езерото, која што би се простирала на површина од 15.845 метри квадратни. Со основниот проект би биле опфатени пет локации долж крајбрежјето, кои партерно и хортикултурно би се уредиле во наредниот период. Проектната документација треба да предвиди и соодветни приклучоци за довод на вода, дренажа на атмосферска вода, приклучок кон електрична и телекомуникациска инфраструктура и други дополнителни приклучоци.
*Извор на фотографија: Општина Велес
Општина Велес планира да одвои околу 300.000 денари за изработка на основниот проект за пејсажна архитектура на крајбрежниот појас. Дополнително, локалната самоуправа има распишано оглас и за подготовка на основен проект за изградба на еко – камп. Овој простор со предвидена површина од 1.500 метри квадратни би се состоел од типизирани куќички од дрво, тоалети и тушеви, сервисна кујна, павиљон за средби на отворено, мобилни санитарии, парк за авантури со деца и фотоволтаични колектори за производство на електрична енергија.
Особено занимлива содржина во идниот еко – камп би бил Паркот за авантури со деца, којшто би се состоел од централна куќичка на авантури, лизгалки, тунели од природни материјали, платформи од дрво, висечки мостови и мрежи, реквизити од дрво за истражување на птици, еко училница, патека за шумски паркур и други содржини за детски игри. За изработка на основниот проект е предвидено да се издвојат околу 350.000 денари од велешката општинска каса.
Заинтересираните проектантски бироа имаат рок до 2 јули за да ги достават своите понуди за учество на двата одделни тендера. Идните проектанти би добиле рок од 60 дена за изработка на основните проекти, додека неопходната ревизија би требало да ја извршат во период од 15 дополнителни дена.