Општина Велес ќе ја пропушти обврската за изработка на нов Генерален урбанистички план на градот во текот на оваа година. Велешките власти го поништија и третиот обид за пронаоѓање проектантско биро што би го изработилo најважниот документ за урбанистичко планирање на градот. „Понудувачите понудиле цени и услови за извршување на договорот за јавна набавка кои се понеповолни од реалните на пазарот“ се наведува во образложението на Општина Велес објавено на Електронскиот систем за јавни набавки.
Ваквиот негативен исход ветува распишување на четврти по ред тендер за изработка на идниот ГУП за Велес во наредните денови. Сепак, главен проблем е што важноста на постојниот Генерален урбанистички план истекува во 2018 година, со што би се отворил проблем при севкупниот развој на градот во период од неколку месеци. Тендерската постапка се развлекува повеќе од половина година наназад. ГУП-от за Велес треба да обезбеди урбанистички и просторен развој на градот, чија површина изнесува 1.600 хектари.