Велешкиот градоначалник Аце Коцевски вчера информираше дека успешно е реализиран Конкурсот за избор на идеен проект за новиот објект на градската библиотека. Автори на наградениот труд се архитектите Минас Бакалчев, Саша Тасиќ, Гордан Петров и Александар Петановски, а соработник на проектот е Марија Петрова. „Комисијата едногласно го избра првонаградениот труд“, изјави градоначалникот Аце Коцевски. Тој појасни дека во следната фаза ќе се изработи основен проект.
Извор на визуелизација: Општина Велес
Библиотеката во Велес е предвидено да биде современ, репрезентативен објект кој истовремено ќе функционира како библиотека и медиотека, со можност за организација и на бројни едукативни и културни содржини. Локацијата за градба е во Младинскиот парк на местото на постоечката барака што ја користат фолклорните друштва, за што е вметната соодветна маркичка во актуелниот ДУП за оваа локација.