Општина Велес по четврти пат го поништи огласот за изработка и ревизија на Генералниот урбанистички план на градот. Со ваквиот чекор, Велес годинава ќе остане без планираниот ГУП, којшто беше предвидено да почне да се работи уште на почетокот од 2018 година. „Понудувачите понудиле цени и услови за извршување на договорот за јавна набавка кои се понеповолни од реалните на пазарот“ се наведува во објавеното образложение од Општина Велес на Електронскиот систем за јавни набавки. Тендерот за ревизија е поништен поради тоа што не била доставена ниту една понуда од проектантските бироа.
Постојниот Генерален урбанистички план за Велес е со важност до 2018 година. Новиот ГУП требаше веќе да се изготвува од урбанистите, земајќи го предвид фактот дека првиот оглас за негова подготовка беше распишан на почетокот од февруари годинава. ГУП – от за Велес опфаќа површина од 1.600 хектари и со неговата изработка треба да се обезбеди урбанистички и просторен развој на градот во наредната деценија.