Со образложение дека нема надлежност да дава оценка за донесените урбанистички планови „Тасино чешмиче“ и „Капиштец – Водно“, Уставниот суд ја отфрли иницијативата на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, за утврдување на нивната уставност и законитост. Мнозинството судии донесоа одлука дека поднесената иницијатива е неоснована и неоправдана – предметот е отфрлен поради тоа што при нејзиното разгледување требало да се земе во предвид единствено Законот за просторно и урбанистичко планирање, но не и другите закони.
Уставниот суд смета дека оценувањето на ваквата одлука на општинскиот совет не претставува уставна категорија, посочувајќи друга институција што е надлежна за оценување на нивната работа – Инспекторатот за локална самоуправа. Градоначалникот Андреј Жерновски ја поднесе иницијатива за испитување на законитоста и уставноста на општинскиот совет на крајот од август годинава. Претходно, Советот на општина Центар ги донесе проблематичните урбанистички планови на седница, на која 11 советници од ВМРО-ДПМНЕ гласа „за“, идентичен број на советници од СДСМ гласаа „против“, додека претседателот Мирослав Шиповиќ гласаше „воздржано“.
Во двата урбанистичките планови „Тасино чешмиче“ и „Капиштец – Водно“ се внесени неколку скандалозни измени, меѓу кои е и изградбата на нова зграда од 10 ката во подножјето на Водно, и покрај препораките на стручната јавност и институции дека планината нема да го издржи планираниот наплив на нови објекти за колективно домување и за други намени.