По повод одбележувањето на Денот на независноста на Македонија, претседателот на Републиката Ѓорѓе Иванов, премиерот Никола Груевски и претседателот на парламентот Трајко Велјановски денеска го предадоа во употреба новиот објект на Уставниот суд и на Архивот на Македонија во центарот на Скопје [»мапа]. По ентериерното доуредување, во наредниот период во просториите на ова здание ќе започне со работа и Археолошкиот музеј на Македонија. „Покрај недостатокот на простор, карактеристично за овие две институции беше и плаќањето висока кирија, која се плаќаше од буџетот. Несоодветните услови и опременост на институциите беа главната причина во 2009 година да се започне со изградба на нов објект“, изјави премиерот Никола Груевски.
Македонскиот премиер не го сокри задоволството од денешниот свечен чин на отворање на зданието на Уставниот суд и на Архивот на Македонија. „Пред нас е еден капитален проект третиран во историски стил и раскошна архитектура“, рече Груевски. Овој објект од владиниот проект „Скопје 2014“ се градеше во изминативе четири и пол години и за него досега се потрошија над 35 милиони евра од државниот буџет.
Зградата со приземје, седум ката и поткровје се простира на површина од 13.510 метри квадратни, а дел од нејзините простории се наменети за најавеното преместување на Археолошкиот музеј од досегашното негово седиште во Музејот на Македонија. Првичниот рок за завршување на објектот беше јули 2011 година. Главен изведувач на градежните работи беше скопски „Гранит“, а надзорот го вршеше „Градежен институт Македонија“. Проектот е дело на архитектот Слободан Живковски и „Етапа Проект“.