Претходна статија
Гевгелија догодина ќе добие нов градски пазар
Следна статија
„Гранит“ ќе работи на нови проекти во вредност од 8,8 милиони евра

Успешен бојкот на манифестацијата „АСК – Архитектура Скопје“

Објавено на 18.11.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Традиционалната манифестација „Архитектурата на град Скопје“ не го доживеа 17-тото издание. Како што јавува „Утрински весник“, до Градот Скопје годинава не бил доставен ниту еден архитектонски труд од домашните автори, со што не се создадоа услови за доделување на главната архитектонска награда. Фијаското на градските власти следи откако на почетокот на септември беше објавен вообичаениот повик до авторите за учество на архитектонската манифестација. Веднаш по повикот, со соопштение се огласија од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), во кое повикаа на бојкот на овогодинешниот „АСК – Архитектура Скопје“.

 

* Од минатогодишните изданија на „АСК - Архитектура Скопје“

 

 

„Поради непочитување на архитектонската професија и елементарните начела на архитектонската наука, ААМ ги повикува своите членови да ја бојкотираат манифестацијата. ААМ смета дека Градот Скопје нема ниту стручност да процени, ниту мудрост да препознае, ниту став и храброст да вреднува квалитетно архитектонско творештво“, посочија уште пред два месеци од Асоцијацијата на архитекти. Тие тогаш констатираа дека е хипокризија да се учествува на настан организиран од институција која не го вреднува квалитетното творештво.

 

Како вовед во годинешниот бојкот на архитектонската фела кон Градот Скопје, минатата година воопшто не беше доделена главната архитектонска награда на „АСК 2014“. Минатата година беа доставени осум авторски труда од шест архитекти, што претставуваше неколкукратно намалување во споредба со годините од пред започнувањето на проектот „Скопје 2014“.