Претходна статија
Старата коцка за нов плоштад
Следна статија
Модернизација на агрегатите во РЕК Битола

Уште една најава за објектот „Југобанка“

Објавено на 15.12.2009 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Од министерството за финансии информираат дека се работи на подготовка на тендер за доизградба на објектот на бивша Југобанка во центарот на Скопје, за што биле предвидени средства во буџетот за 2010 година.  Токму министерството за финансии треба и да се всели во новите простории.

 

Карабината „Југобанка“Градбата на овој објект почна во далечната 1987, а работите застанаа во 1990. По распадот на Југославија, сопственик стана државата, но и после бројните најави низ годините, за довршување на зградата и нејзино ставање во функција, тоа досега не се реализираше. Првиот обид за доизградба на објектот е направен во 2001 година, кога за таа намена беа издвоени 12 милиони тогашни германски марки. Се планираше таму да се вселат царинската управа, комисијата за хартии од вредност, управата за стоковни резерви и даночниот инспекторат. Но воениот конфликт ги попречи плановите и средствата беа пренаменети.

 

Прашањето повторно се актуелизираше во 2006 година. Тогаш се излезе со податоци дека за да се доизгради објектот се потребни околу 11,5 милиони евра, а со тоа би се добиле 14.000 метри квадратни. Новите простории беа пердвидени за министерството за финансии со своите органи: управата за имотно-правни работи, државниот девизен инспекторат, дирекцијата за спречување перење пари, генералната дирекција на управата за јавни приходи, царинската управа и бирото за стоковни резерви. Преселба во објектот беше предвидена и на Министерство за надворешни работи.

 

Во периодот 2007-2009 исто така континуирано се најавуваше дека објектот ќе се догради. Најпрвин беа спомнувани различни модели на јавно-приватно партнерство, а во 2009 се одлучи проектот целосно да го финансира државата од свои средства. Во март беше соопштено дека се работи на изведбен проект и дека следува распишување на тендер за избор на градежна компанија, а дека работите ќе почнат во летниот период. Тогаш за вселување беа предвидени министерството за финансии, управата за имотно-правни работи, бирото за јавни набавки и секторот за склучување договори и финансирање преку кој се управуваат ИПА-фондовите. Нереализацијата беше објаснета со економската криза.

 

На државните институции очајно им се потребни нови објекти. Голем дел од нив работат во несоодветни изнајмени простории. Во моментот само министерството за финансии има закупен простор меѓудругите во „Технометал-Вардар“, „Палома Бјанка“, „Интекс“, „ЕВН“ и во бараки во Капиштец, за чии кирии годишно се одлеваат речиси половина милион евра. Во меѓувреме карабината на Југобанка остана грда глетка и собиралиште на бездомници и наркомани. Единствено што се направи за сите овие години е оградувањето на приземјето во 2007.

 

 

 

Форумска дискусија за овој проект –> овде