Македонски уметници повторно ќе донираат скулптури за центарот на Скопје. На оградата на Кејот на Вардар, на потегот од Министерството за надворешни работи до Археолошкиот музеј, ќе се постават нови девет бронзени фигури, од кои четири се донација на уметниците Димитар Филиповски, Кристина Пауновска, Зоран Тошевски и Слободан Милошевски. Се работи за скулптурите на Партенија Зографски, Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски и Христофер Жефаровиќ. Покрај нив, владиниот проект „Скопје 2014“ на овој дел од центарот на Скопје ќе биде збогатен и со бронзените фигури на Висарион Дебарски, охридскиот архиепископ Доротеј, монасите Евтихиј и Михаил, како и на светците Георги Кратовски и Прохор.
Засега е непознато кој ќе обезбеди финансии за изведбата на преостанатите пет скулптури. Одлуката за нивно поставување треба да се донесе на седницата на Советот на Град Скопје што ќе се одржи наредната недела. „Со поставување на овие скулптури, Кејот ќе добие поубав изглед, а исто така, ќе се збогати и надополни културното наследство на Град Скопје“, се наведува во образложението на градоначалникот Коце Трајановски до советниците во Советот на Град Скопје.
Дека нема крај во поставувањето на нови споменици и скулптури во централното градско подрачје говори и актуелната идеја на Градот Скопје за поставување на пет нови споменици на Генерал Михајло Апостолски, Пере Тошев, Никола Петров Русински, Андон Лазов Јанев – Ќосето и Ѓорѓи Сугарев. Со исклучок на Андон Лазов Јанев – Ќосето, сите останати личности ќе бидат поставени на коњ. Како донатор на овие споменици фигурира малку познатото „Здружение за духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија – Скопје“.