Претходна статија
„Алкалоид“ пушти во употреба нов магацински простор во Ѓорче Петров
Следна статија
Студија за мултимодални транспортни јазли, веќе се работи на терминал

Уште 200 илјади евра за довршување на „Македонско село“

Објавено на 18.12.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за економија склучи дополнителен договор за довршување на започнатиот проект „Македонско село“, лоциран во близина на скопското село Горно Нерези. На тетовската компанија „АК Инвест“ ќе и бидат исплатени 11.798.961 денари или речиси 200 илјади евра за непредвидени работи што произлегле од реализацијата на идејата за изградба на традиционални куќи од сите региони во земјава и придружни туристички објекти. Овие финансиски средства од договорот се надоврзуваат на веќе претходните 400 илјади евра за дополнителни непредвидени работи, договор што беше објавен во октомври годинава. Првичната предвидена сума за реализација на проектот се надмина и со склучувањето на договор во висина од 1,3 милиони евра за ентериерно уредување.

 

#Со сите овие договори, досегашната вредност на проектот „Македонско село“ ја достигна сумата од 330 милиони денари или околу 5,4 милиони евра. Сите финансиски средства за неговата изградба се обезбедени од буџетот на Република Македонија, иако последната одлука на македонската влада е со овој проект да стопанисува приватна компанија која ќе го добие атрактивниот простор завршен со државни пари. Финалниот модел и начин на стопанисување на етно селото ќе се знае по завршувањето на огласот за избор на компанија што ќе менаџира и стопанисува со него.

 

Проектот „Македонско село“ се гради повеќе од две години, при што градежните работи ги врши „АК Инвест“ од Тетово, надзорот го реализира „Евро консалтинг“ од Скопје, додека проектот го изработи „Боград“ од Струга. Ентериерното уредување на традиционалните македонски куќи треба да го изврши фирмата „Бауер БГ“ од Скопје.