Закажаното свечено отворање на Стариот театар на 27-ми март се ближи, а инвестицијата во зданието покрај реката Вардар ја надмина сумата од 28 милиони евра. Министерството за култура пред новогодишните празници потпишало уште три нови договори за довршување на објектот, со вкупна вредност од 91.184.077 денари или околу 1,5 милиони евра. Најголем дел од финансиските средства ќе се насочат кон изведување на електротехнички работи за противпожарна заштита, заштита при работа и изведба на илуминација на фасадата и партерот. Фирмата „Електро лаб“ од Скопје со понудата од 65.889.353 денари е избрана за да го реализира овој сегмент од проектот.
Со скопската подружница на градежната компанија „Штрабаг АГ“ е склучен уште еден договор во висина од 13.639.724 денари за изведување на дополнителни и непредвидени работи на зданието кои не се вклучени во основниот договор, иако вакви постапки веќе се спроведоа во два наврати. Уметникот Александар Ивановски е задолжен да ја изработи централната скулптурална композиција за сума од 11.655.000 денари. Во меѓувреме, градежните работници на терен работат на поставување на 46 скулптури на фасадата, а во внатрешноста забрзано се одвива ентериерното уредување. Македонската културна јавност ќе ја има можноста да ја разгледа внатрешноста на зградата на Светскиот ден на театарот, за кога е закажано свеченото отворање со претставата „Вечна куќа“ на Јордан Плевнеш.
Објектот на Македонскиот народен театар ќе се состои две сали наменети за љубителите на театарската уметност, голема сала со капацитет од 756 седишта и мала сцена со 236 седишта. Неговата изградба започна на почетокот на 2007 година, а во првичните владини информации се истакнуваше дека за архитектонскиот сегмент од проектот ќе се издвојат над шест милиони евра. Идејното решение за Стариот театар го изработи архитектот Јован Стефановски – Жан, главните градежни работи ги реализираше компанијата „Бетон“ од Штип, за браварските, столарските, фасадерските и каменорезачките работи е задолжена „Ламоне Мореда“ од Италија, а за ентериерното уредување на зданието е ангажирана австриската „Штрабаг АГ“.