Од денеска е отворен и вториот дел од Паркот Македонија, лоциран покрај булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов во општина Карпош. Станува збор за простор што опфаќа зелена површина од околу 32.000 метри квадратни, која што претходно беше запуштена и на која имаше тополи кои што беа стари и претставуваа опасност за минувачите и за рекреативците. Во паркот е изведена една трим патека и една асфалтирана патека, а поставени се и клупи за седење, корпи за отпадоци и друга урбана опрема.
*Извор на фотографија: Град Скопје
По должината на паркот се поставени три летниковци, а во еден од нив има и четири мермерни шаховски табли. Во рамките на просторот исто така се поставени детски реквизити од дрво, еко – реквизити во форма на замок, а на дел од трим патеката има и фитнес справи за вежбање. Екипите на Град Скопје изведоа нова хидратантска мрежа со 192 прскалки. „Наесен и напролет планираме да засадиме околу 800 садници, од кои околу 300 дрвја ќе бидат листопадни, а околу 500 зимзелени и тогаш паркот ќе го добие вистинскиот лик. За реализација на овој проект од Буџетот на Градот се издвоени околу 15 милиони денари“, изјави скопскиот градоначалник Коце Трајановски, кој официјално го отвори паркот.