Претходна статија
ЕЛЕМ ја одложила реализацијата на ХЕ „Бошков мост“ поради Бернската конвенција
Следна статија
Тендерот за електрични автобуси на повидок, стручно образложение нема

„Урбан Стил Инженеринг“ ќе работи на основниот проект за Старата учителска школа во Скопје

Објавено на 18.01.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Веднаш по објавувањето на резултатите од архитектонскиот Конкурс, владината Служба за општи и заеднички работи пристапила кон склучување на договорот за изработка на ревидиран основен проект за Старата учителска школа што ќе се гради во центарот на Скопје. Договорот со фирмата „Урбан Стил Инженеринг“ е потпишан на 16 јануари, а самата фирма е управувана од Петар Стошиќ, кој воедно е и автор на идејното решение кое беше избрано како најдобро рангирано на реализираниот Конкурс. За изработка на проектната документација ќе се издвојат над 4,6 милиони денари од државниот буџет. Владата планира во ова здание да ги смести Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, заедно со Ликовната академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

 

 

Најновиот објект од проектот „Скопје 2014“ беше најавен уште пред неколку месеци од поранешниот премиер Никола Груевски. Точната локација за изградба на образовното здание никој не ја соопштува, иако извршната власт веќе е во фаза на комплетирање на проектната документација. Неофицијалните информации се дека административното здание ќе се гради во дворот на општина Центар, на локацијата каде што некогаш се наоѓала Старата учителска школа. Визуелизација од победничкото идејно решение не е објавена, ниту пак се познати членовите на жирито кое одлучувало за изборот на најдоброто архитектонско решение.

 

„Билд“ денеска се обиде да стапи во контакт со владината Служба за општи и заеднички работи, но оттаму не добивме одговор на поставените прашања по електронска пошта. Одговор на поставените прашања нема ниту од општина Центар, која би можела да биде директно засегната од најновата ситуација. Во ДУП-от за населбата Дебар Маало е впишан само еден објект на потегот помеѓу улицата „Орце Николов“ и булеварот „Илинден“. Станува збор за планираната општинска зграда со висина од 15 ката, која постојното раководство на општина Центар се одлучи да не ја гради. Останува нејасно на кој начин се подготвува проектната документација за Старата учителска школа, ако не е земена во предвид актуелната состојба од урбанистичкиот план. Втората опција е самиот објект да се изгради на местото на општинските бараки на Центар, но во тој случај општината би останала без административни простории.

 

Фирмата „Урбан Стил Инженеринг“ е новајлија во проектот „Скопје 2014“. На веб-страницата на ова биро стои податокот дека во неа работи и авторот Миодраг Никитовиќ, кој и стана познат на јавноста по изработената „барокна“ фасада за еден дел од објектот „Палома Бјанка“ и за најновиот пешачки мост на реката Вардар што ќе се гради кај „Дрводекор“.

 

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk