Владата на вчерашната седница и официјално ја усвои локацијата на која ќе се гради новиот Универзитетски клинички центар во Скопје. Врз основа на изготвениот извештај на работната група, прифатена е локацијата во општина Ѓорче Петров – местото викано Веле Поле во близина на скопската обиколница. Од извршната власт денеска не објаснија колкав период ќе биде потребен за да се комплетираат подготвителните работи што претходат на изградбата на најзначајниот здравствен комплекс во Македонија.
Она што во моментов се знае е дека избраната локација не била предвидена за изградба на новиот Клинички центар во актуелниот Генерален урбанистички план за Скопје. За местото Веле Поле не постои никаква урбанистичко – планска документација, па затоа владата даде препорака на општина Ѓорче Петров да отпочне со спроведувањето активности за донесување на урбанистичка документација за локацијата од надлежност на единицата на локалната самоуправа. Дури откога ќе биде донесен неопходниот ДУП за оваа локација, македонската влада ќе може да пристапи кон распишување на архитектонски Конкурс за избор на идејно решение за планираниот здравствен комплекс.
Од централната власт очекуваат изградбата на новиот Универзитетски клинички центар во Скопје да започне до крајот на 2019 година. Владините прогнози се дека целокупната постапка ќе трае од 4 до 5 години. Неговата изградба би чинела нешто помалку од 500 милиони евра, за кои во моментов не е обезбеден извор на финансирање. Здравствениот комплекс би се простирал на површина од 90 хектари.
Подетални информации околу предностите на локацијата Веле Поле денеска изнесоа од општина Ѓорче Петров. Градоначалникот Александар Наумоски посочи дека изградбата на Клиничкиот центар надвор од центарот на градот е пример земен од европските земји. Целокупното земјиште на оваа локација е во државна сопственост, со што здравствениот комплекс би бил лесно пристаплив за граѓаните преку скопската обиколница и железничката пруга Скопје – Кичево. Просторот се наоѓа во еколошки чиста средина, а постоењето на термални води на локацијата ќе овозможи дополнителни инвестиции во изградба на хотели и спа центри.