Наместо на мазут, Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово од претстојната грејна сезона ќе се грее на биомаса, односно на пелети. Според пишувањето на весникот „Дневник“, во рамките на образовниот комплекс веќе се изведува новиот систем на греење преку инсталирање на три котли на биомаса со вкупен капацитет од 1.650 киловати, а ќе се подготви и инфраструктура за дополнителен четврти котел со капацитет од 550 киловати. Со инвестицијата во вредност од околу 400.000 евра ќе се изгради топла врска меѓу новите котларници, како и два резервоара за складирање на пелетите. Новиот систем на греење на биомаса ќе биде готов до септември годинава. Тој ќе го опфати целиот универзитетски кампус од 40 објекти што се простираат на површина од 29.000 метри квадратни.
Еколошкиот проект на оваа високообразовна институција се реализира врз основа на изготвениот Климатски акционен план (КАП), кој предвидува намалување на испуштањето на стакленички гасови за 35 отсто. За да го оствари амбициозниот план, во универзитетскиот кампус во Тетово веќе е изградена фотоволтаична електрана. Оваа инвестиција на Универзитетот на Југоисточна Европа е прв поголем зафат за воведување на системи за греење на биомаса на ниво на Македонија. Сличен проект пред неколку месеци се реализираше и во беровското основно училиште „Дедо Иљо Малешевски“.