Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип ја започна постапката за изградба на нов студентски дом со кој ќе се задоволат потребите за сместување на лицата кои се стекнуваат со високо образование во овој град. Во моментов се реализира првата фаза од проектот со која се предвидува изготвување на идеен проект за објектот, за што веќе е распишан јавен повик од страна на штипскиот универзитет. Според сегашните планови, студентскиот дом ќе се гради на површина од 12.231 метри квадратни на местото на поранешниот диспанзер во населбата „Сењак“. За идните академски граѓани ќе се подигнат од 12 до 14 куќи на два ката, секоја со површина од 200 метри квадратни. Објектите ќе се состојат од еднокреветни соби со заедничко купатило, со вкупен сместувачки капацитет за околу 500 студенти.
Засега е непозната висината на инвестицијата во овој проект, бидејќи точната сума ќе се определи по изготвувањето на целокупната документација. Покрај сопствени финансиски средства на Универзитетот, се очекува во проектот финансиски да се вклучи и Министерството за образование и наука. Од Ректоратот напоменуваат дека најпрвин ќе се реализира студентскиот дом, а потоа ќе се изградат и пропратните содржини карактеристични за секој современ студентски град. Македонската влада во текот на 2011 година распиша јавен повик за доделување на договор за јавно – приватно партнерство за изградба и 35-годишно управување со планираниот студентски дом во Штип, но приватните компании не пројавија интерес за вложување во проектот.