Во месноста Свидовица денеска започна изградбата на инфраструктурата за планираната Технолошко – индустриска развојна зона „Струмица“. Зоната ќе има површина од 25 хектари и е лоцирана на 50 километри од граничниот премин „Богородица“ кон Грција и на 23 километри од граничниот премин „Ново Село“ кон Бугарија. ТИРЗ „Струмица“ ќе биде поврзана со основната патна мрежа преку крстосница на ниво со која ќе се овозможи вклучување и исклучување кон регионалниот пат Куклиш – Банско – Ново Коњарево. Ќе бидат изведени две влезни ленти со широчина од по 3,75 метри и две излезни ленти со иста широчина, како и тротоари од двете страни на коловозите со широчина од по 2,5 метри.
За изградба на комплетната инфраструктура, која вклучува внатрешна сообраќајница, електроенергетска мрежа, водоводна мрежа, атмосферска и фекална канализација, телекомуникациска инфраструктура, како и улично осветлување, ќе бидат вложени 300 милиони денари, односно околу 4,9 милиони евра.
Премиерот Никола Груевски во денешната прилика најави дека две турски компании наскоро ќе изградат свои капацитети во ТИРЗ „Скопје 1″ кај Бунарџик. „Се работи за две одделни компании од областа на медицинската индустрија кои ќе градат две фабрики во кои ќе вработат вкупно 600 луѓе. Наскоро на Влада треба да помине договорот со нив и потоа веднаш да почнат со изградбата на своите капацитети во Бунарџик“ изјави Груевски.