Покрај мекиот кревет, убавата храна, пријатната облека, добриот автомобил, има една компонента во нашиот дом која е многу поважна и на која треба посебно да се внимава, доколку сакаме да се чувствуваме удобно и економски комфорно.
Како ќе се греееме (ладиме) во просториите во кои престојуваме ?!
Енергетски ефикасното градење на нови објекти како и санацијата на постоечките е заради покачувањето на цената на енергенсите, што е постојано актуелан тема. Греењето и ладењето на објектот од овој аспект без разлика на неговата големина и намена игра многу важна улога.
НО, Каков тип на греење ни е потребен, за да добиеме топлина која ќе биде пријатна и економична?
За да можеме правилно да одговориме на погоре поставените прашања треба најпрво да ги објасниме различните видови на греење. Притоа под различни видови на греење не се мисли на изворот на енергија туку на начинот на пренесување на топлина во просторот кој сакаме да го грееме. Без разлика на изборот на видливи или невидливи грејни тела, во грејната техника постојат два основни начина за пренесување на топлина (греење) и тоа:
-по пат на конвекција (загревање на воздухот кој понатаму треба да ја пренесе топлината)
-по пат на топлинско зрачење (директно греење)
Основната разлика помеѓу двата начина на греење е распределбата на топлина низ воздушните слоеви во греениот простор што битно влијае на крајниот ефект и чувство на загреаност и удобност. Следните графици најубаво ја демонстрираат оваа разлика.
Објаснување на графиците:
Идеалната распределба ни ја опишува распределбата на температура во просторот која природно и медицински на најдобар начин ги задоволува потребите на човековиот организам. Од графикот 1а е видливо дека за правилно функционирање на организмот потребно е нозете да бидат на повисока температура од 20OC, појасот на 20OC, додека главата на пониска температура од 20OC.
Системите кои греат по пат на конвекција го прават токму спротивното. Тие го загреваат воздухот во просторијата и тоа почнувајки од горните слоеви па надолу. Како краен ефект главата и дишните органи се изложени на повисока температура од 20OC додека нозете остануваат ладни и тоа на температура не повисока од 16OC. Јасно е дека чувството на загреаност е само привидно. Како класичен претставник на оваа група системи е радијаторското греење. Во оваа група понатаму спаѓаат и: фенкојлерите, каналните и сплит системи, термо печките, разните греалки, фенови и сл. Со еден збор се што грее воздух.
Класичен претставник на системите кои греат по пат на зрачење е подното или површинско греење. Овој вид на греење ја загрева на ниска температура целата површина на подот која понатаму директно ги загрева/зрачи телата во греениот простор. Од графикот бр.1в се гледа дека температурната распределба во просторијата во услови на загревање со подно греење е најблиска до идеалната. Нозете (нашите природни топлотни сензори) се пријатно загреани додека воздухот во погорните слоеви не е оптеретен со висока температура. “Топли нозе – бистра глава“. Ова овозможува целосно пријатно и медицински оправдано чувство на престој во просторијата.
Циркулацијата на воздухот и движење на прашината во просторот е вториот голем аргумент на страната на подното греење:
Видливите грејни тела (радијаторите) се најчесто поставени на крајните делови од греениот простор така што прво го загреваат воздухот над нив и тоа на температура повисока од проектираната додека воздухот во пониските слоеви посебно во внатрешниот дел од просторијата останува на пониска температура од саканата. Тоа значи дека во различните делови од просторијата имаме разлика на температура која сама по себе предизвикува циркулација на воздух и прашина. Иако навидум неприметна, претставува опасност по здравјето на живите организми и во науката е позната како “Sick Building Syndrom” или синдром на болна зграда. Овој синдром е до толку поизразен доколку просторијата е поголема односно повисока и доколку се применуваат системи или грејни тела со вградени вентилатори (види сл.2а).
Подното греење пак од друга страна ја загрева рамномерно целата површина на подот и тоа на незначително повисока температура од онаа што е предвидена за просторијата. Температурата на воздухот е еднаква во сите делови од просторијата и не постојат услови за движење на воздухот и прашината. Ова е од особена важност за луѓето подложни на алергија од прашина. Нискотемпературниот режим на работа на подното греење овозможува да воздухот остане подолго време свеж со што потребата за вентилација (луфтирање) се намалува за 2 до 3 пати. Удобноста е загарантирана 24 часа, како во просторот за престој така и во спалната соба. Фреските на ѕидовите во културно-историските споменици како и изложените дела во музеите кои не смеат да бидат изложени на воздушни бранови со променлива температура и влажност не губат од својата вредност односно не стареат.
Бучава:
Бучавата е исто така елемент кој е многу важен за здравјето на човекот. Вибрациите од најразлична природа влијаат негативно на нервниот систем. Уште поопасни се оние најмалите кои не сме во состојба да ги регистрираме но постојано го дразнат нервниот систем. Повеќечасовен престој во простории каде постојат вибрации е дополнителен услов за појава на веќе споменатиот синдром на болна зграда. Од овој аспект подното греење е идеално решение. Со негово правилно проектирање и примена се избегнуваат сите несакани нус ефекти и вибрации предизвикани од струење на воздух во просторијата, вибрации од движење на течноста низ видливите грејни тела како и шумот кој го создаваат вентилаторите вградени во разните клима системи, канали и сл. Значи можеме целосно да уживаме во мирот на нашиот амбиент.
Потрошувачка на енергија:
Но не само удобноста и квалитетот на живеење. На изборот на систем за греење битно влијае и потрошувачката на енергија. Во услови на се повисока цена на енергијата оваа тема станува се поактуелна дури и во многу побогати држави од нашата. Подното греење е едно од решенијата кое битно влијае на намалување на потрошувачката на енергија. Постигнување на угодно чувство на загреаност при уште 1 до 2OC пониска температура е само еден од факторите што влијаат на заштедата на енергијата. Тоа овозможува годишна заштеда на енергија од 3 до 6%. Искуствата од пракса покажуваат дека со правилно проектирање и експлоатација заштедата може да достигне и 30%. Нискотемпературниот режим на работа од друга страна го прави подното греење идеално за примена на алтернативни извори на енергија како што се сончевата и енергијата на тлото или т.н. геотермија.
Сепак клучен момент овде е повторно топлинската распределба во просторот за која зборувавме на почетокот од овој текст. Од графиците е јасно видливо дека за разлика од радијаторите/фенкојлерите (сл.1б) каде најголемиот дел од енергијата непотребно се троши за слоевите од воздух кои се над висина на главата на човекот, во услови на подно греење (сл.1в) таа е токму таму каде ни е најпотребна – до висина од 1,7м од подот. Заштедата на енергија во услови на подно греење е до толку поголема до колку е таванот на просторијата повисок. За илустрација ќе прикажеме пример на аеродоромска гаража со висина од 10м:
На левата страна од цртежот се прикажани температурите на воздухот на различни висини при греење по пат на конвенција (најчесто применувани системи кај нас), додека на десната се температурите на воздухот во услови на топловодно подно греење. Разликата можете да ја уочите и сами. Заштедата на енергија со примена на подно греење во овој случај е огромна и доаѓа до полн израз. Колку ли само енергија во услови на воздушно греење непотребно се расфрла во високите слоеви од просторот каде реално на никого и не му е потребна. Но не само тоа. Примерот покажува дека за вакви и слични објекти подното греење е единствен можен и ефикасен начин на греење. Примената на подното греење во големите производствени хали, спортски сали, трговски центри и јавни објекти го прави греењето ефикасно, а истовремено заштедата на енергија е огромна. При тоа инвестиционите трошоци се намалуваат за неколку пати.
Еден систем за греење и ладење
Инсталацијата за подно греење со дополнително вградена разладна машина и соодветна автоматика може во текот на летото да послужи како систем за ладење. Спротивно на класичните клима системи кои го ладат само воздухот во просторијата, подното ладење ја одзема топлината од големите и во текот на летото загреани бетонски површини и не дозволува таа да се пренесе во внатрешноста на објектот. Температурата на воздухот во објектот е насекаде рамномерна и секогаш за неколку степени целзиусови пониска од надворешната. Со тоа се избегнуваат штетните последици од температурните шокови кои настануват како резултат на неконтролирано ладење на воздухот или неурамнотежената амбиентална температура во различни делови од објектот. Отсуството на присилено движење на воздухот, ладни воздушни бранови и бучава односно вибрации настанати при работење на класичните разладни уреди обезбедува мир и пријатност во нашиот амбиент. Чувството на “нежна“ разладеност е истото како во внатрешноста на некои културно-историски споменици, верски објекти или подземни простории. При тоа инвестиционите трошоци се намалени.
Архитектонска оправданост
Инсталацијата за подно греење/ладење е интегрирана во самиот под и е целосно невидлива. Ова го прави подното греење/ладење апсолутно архитектонски оправдано. Просторот не е оптеретен со видливи грејни или разладни тела, потреба од спуштени плафони и простор за инсталација во нив. Архитектот односно инвеститорот имаат целосна слобода за дизајнирање на ентериерот.