Скопската општина Карпош ги избра идејните решенија на авторот Васил Велков за изградба на планираниот затворен пливачки базен и повеќенаменската спортска сала што ќе се градат во училиштата на нејзина територија. На двата архитектонски Конкурса пристигнале по еден авторски труд. Новите објекти треба да го унапредат физичкото образование во основните училишта во општината. Првиот затворен базен е предвидено да се гради во дворот на училиштето „Лазо Трповски“ во населбата Карпош 3.
Локалните власти во наредните години планираат да изградат вкупно пет базени во училиштата низ Карпош. Во меѓувреме, општината во изминатиов период објави два тендера за реализација на спортската сала и на еден базен, при што последниот оглас беше распишан кон средината на октомври 2016 година. Засега не е познато кој ќе биде изведувач на работите и нема информации за тоа кога ќе почнат градежните активности на терен.