Во рамките на владината мерка „План за чист воздух“, две училишта во скопската општина Ѓорче Петров во 2019 година ќе го променат начинот на затоплување на нивните простории. Наместо да се греат на нафта и дрва, објектите на основните училишта „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ и „Тихомир Малешевски“ од наредната година ќе почнат да користат еколошко гориво. Градоначалникот Александар Наумоски и заменик – министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули денеска ги посетија двете училишта, при што ја најавија инвестицијата што ќе ја реализира владата.
*Извор на фотографија: Влада на Р.М.
Постојниот начин на греење на училишните објекти во Ѓорче Петров е еден од главните загадувачи на воздухот. Од општината информираат дека само училишниот објект во Ново Село троши 160 метри кубна дрва за затоплување во текот на една сезона. Тамошниот котел на дрва ќе се замени со котел на пелети, додека во вториот училишен објект ќе се замени нафтата со еколошки извор на затоплување. Покрај во општина Ѓорче Петров, со владината мерка „План за чист воздух“ е предвидено да се преземат слични активности и во други општини низ земјава.