Нова фабрика за производство на кабли за автомобилската индустрија ќе се гради во ТИРЗ „Скопје 2“. Турската компанија „Мурат Тиџарет“ денеска го потпиша договорот за изградба на индустрискиот капацитет, во кој е предвидено да инвестираат 6,6 милиони евра. Идниот објект ќе се простира на градежна парцела од 34.000 метри квадратни, на која би се изградиле објекти со површина од 18.000 метри квадратни. Во првата фаза од реализацијата на проектот би се подигнал капацитет со површина од 6.500 метри квадратни, во кој би се вработиле 300 лица.
Изградбата на индустрискиот капацитет би започнала за два месеци, додека објектот би се ставил во функција во декември 2018 година. Турската компанија „Мурат Тиџарет“ ја избрала Македонија за инвестирање по неколкумесечните преговори со овдешните власти. Оваа фирма има 2.200 вработени и зад себе бележи 50 – годишно искуство во производството на кабли за автомобилската индустрија.