Претходна статија
„Голден Арт“ ја заврши втората станбена зграда во Аеродром
Следна статија
Новиот водовод во Тетово ќе мора да ја чека филтер станицата

Туристичкиот центар Маврово доби едукативна патека за деца

Објавено на 15.10.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во Националниот парк Маврово денеска беше отворена едукативна патека за деца, која е наменета за најмладите на возраст од 6 до 12 години. Со ова туристичкиот центар Маврово добива уште една интересна содржина. Патеката со должина од еден километар ќе им овозможи на децата да се запознаат со биодиверзитетот во тој регион, под надзор на специјално обучени водичи за работа со деца. Родителите од денеска можат да дојдат во овој прекрасен дел од Западна Македонија и заедно со своите деца да уживаат во сите убавини што ги нуди Маврово.

 

 

 

„Детската патека е иницијатива на Националниот парк Маврово за збогатување на туристичката понуда со едукативни содржини. Со ова сакаме да им овозможиме на родителите додека се опуштаат, скијаат, возат велосипед или пак уживаат на падините на оваа прекрасна планина, да им овозможат на своите деца едукација и забава. Патеката е опремена со информативни и едукативни табли со информации за растителниот и животинскиот свет во Маврово. Децата ќе имаат можност да решаваат загатки и да научат нешто повеќе низ посебно конципирани игри. Покрај едукативните табли во три големини, патеката ќе биде збогатена и со дополнителни елементи како хотел за инсекти, ксилофон и дел за набљудување на орли“, изјави Онер Јакуповски, директор на Националниот парк Маврово.

 

 

 

На денешното свечено пуштање во употреба на едукативната патека присуствуваа и претставници од Швајцарската амбасада, како и водичи од здружението одговорно за турите на патеката UpLand Adventure. Осмислувањето на детската содржина на патеката, како и обуката на водичите е потпомогната од страна на Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка, имплементирана од Swisscontact.