Уште еден урбанистички план за изградба на нови туристички комплекси се подготвува од охридската локална самоуправа. Предложениот ДУП за УЗ 4 за населбата Далјан предвидува издигнување на серија од хотелски комплекси и деловни објекти долж крајбрежјето. Туристичкиот комплекс би се простирал на површина од 18 хектари, вклучувајќи хотели, конгресен центар, дом за стари лица и други објекти. Градбите е зацртано да имаат максимална висина од 17,5 метри. Урбанистичкиот план за населбата Далјан во моментов е во фаза на донесување, а финалната верзија во наредниов период треба да се најде пред членовите на Советот на општина Охрид.
Во оваа фаза од реализација, охридските невладини организации и еколози предупредуваат за внимание при донесувањето на новиот урбанистички план. Според нив, планираните објекти не треба да ја надминуваат висината на постоечките објекти од претходните ДУП – ови. Ако се издигнат висококатници, еколозите стравуваат дека тоа може да го запре струењето на воздухот од езерото. „Да се внимава да не се прават грешките што се правеле во други делови од градот“, изјави за порталот „Охрид Њуз“ Борче Стојановски од Еколошкото друштво Грашница.
Охридската населба Далјан во изминативе години во неколку наврати се споменуваше како атрактивна локација за инвестирање во градот. Градоначалникот Никола Бакрачески на почетокот од годинава најави дека во рамките на населбата ќе биде предвидена изградба на Конгресен центар. Пред речиси четири години, претходното општинско раководство најавуваше изградба на голем хотелски комплекс во Далјан. Француски инвеститор тогаш беше заинтересиран да гради спа-центри, голф терени и казина на брегот на Охридското езеро.