Скопската цементарница „Усје“ со позитивни финансиски резултати го завршила своето работење во 2017 година, иако севкупната добивка е намалена во однос на 2016 година. Оваа компанија од градежниот сектор во текот на минатата година остварила добивка од 1.093.372.000 денари. Како што се наведува во неконсолидираниот и неревидиран извештај, оперативните приходи во периодот јануари – декември 2017 година изнесувале 4.576.148.000 денари и истите се зголемени во однос на претходната година.
Цементарница „Усје“ во изминатите 12 месеци од 2017 година остварила поголеми приходи од продажба на странските пазари во вкупен износ од 1.562.784.000 денари, со што е забележан раст во однос на 2016 година. Сепак, минатогодишните приходи од продажба на македонскиот пазар се намалиле. Во 2017 година било регистрирано и зголемување на оперативните расходи, кои на крајот од годината изнесувале 3.329.528.000 денари. Вкупниот капитал на цементарница „Усје“ на 31.12.2017 година ја достигнал вредноста од 3.947.856.000 денари.