Растат издатоците за изградба на нови куќи во земјава. Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците во градежништвото за изведба на нови објекти за индивидуално домување во третиот квартал од 2018 година се зголемиле за 6,4% во споредба со истиот период лани. Притоа, трошоците за градежни материјали пораснале за 3,9%, додека трошоците за вработените се поголеми за 12,8%. Статистичарите пресметале дека изградбата на куќа поскапела и во рамките на 2018 година, па така во третиот квартал постои зголемување на трошоците од 1,4% во споредба со претходните три месеци.
Индексите на трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се наменети за преиспитување или мониторирање на трошоците направени од градежните претпријатија при изведувањето на процесот на изградба на нови објекти за индивидуално домување.