Министерството за транспорт и врски ќе отпочне со реализација на три нови проекти за модернизација на Македонските железници. Во наредните 10 месеци ќе се изработи предстудија за изводливост за подобрување на состојбата на железничката делница Скопје – Кичево. Воедно, во следните 9 месеци ќе се утврди можноста за воведување на Европскиот систем за контрола на возовите (ETCS) ниво 1, а истовремено ќе се работи и на предстудија за системот за мобилна комуникација во железницата (GSM-R) – проект што ќе се реализира во времетраење од 6 месеци.
*Железничка пруга Скопје – Кичево; Фото: Архива на „Билд“.
Проектите што почнуваат со реализација се поддржани од инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан (ВБИФ) преку доделените грант средства во висина од 1.100.000 евра. Подготовката на предстудиите за изводливост на проектите е поддржана и од Европската банка за обнова и развој, а ќе се имплементираат од конзорциумот предводен од Хил Интернационал, оддел 7 во ВБИФ.
„Крајна цел на овие проекти е да се подобри железничката инфраструктура и да се придонесе кон ефективност и ефикасност во железничкиот транспортен систем. Поконкретно, ќе придонесе кон модернизација и надградување на железничката инфраструктура долж Коридорот X и VIII“ информираат од Министерството за транспорт и врски.