На меѓународниот тендер за изградба на новиот Клинички центар во Скопје се јавиле три конзорциуми. Еден од нив е македонско-италијански конзорциум, во кој влегуваат скопски „Бетон“ и „Гранит“ и италијанската компанија ИНСО системи. Во останататите конзорциуми влегуваат италијански и словенечки фирми. Она што е впечатливо за денешното отворање на понудите се повисоките цени што ги понудија компаниите од она што го планираше Министерството за здравство. Иако од надлежното министерство претходно велеа дека проектот ќе чини максимум 70 милиони евра, во понудите се доставени цифри од 79 до 90 милиони евра, не вклучувајќи го ДДВ.
Посебна комисија во текот на наредните 90 дена детално ќе ги разгледа сите понуди и ќе избере најповолен понудувач. Од надлежното министерство денеска изјавија дека главен критериум за избор е најниската цена, но ќе мора да се почитуваат и останатите услови за финансиска гаранција и за претходно искуство на градежниците со веќе реализирани проекти од ваков вид.
Досегашниот министер за здравство Никола Тодоров вчера даде нов рок за изградба на Клиничкиот центар – Скопје. Тој изјави дека здравствениот комплекс би бил готов до 2021 година. Од СДСМ пред два дена излегоа со критики за хроничното доцнење на реализацијата на проектот, потсетувајќи дека власта ветила изградба на објектот до 2 јануари 2017 година. Новиот објект треба да се простира на површина од 61.500 метри квадратни. Во актуелниот тендер не влегува проектот за изградба на две катни гаражи во кругот на Клиничкиот центар, кои се изгубија во широкиот спектар на владини ветувања од изминатиов период.