Претходна статија
Ќе се адаптира зградата на Клиниката за кардиологија во Скопје
Следна статија
„Гранит“ со помала добивка во првиот квартал

Три компании заинтересирани за гасификација на скопскиот регион

Објавено на 14.05.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Турскиот енергетски гигант „Аксо енерџи“, една украинска и една македонска компанија досега ја подигнале документацијата за учество во проектот за гасификација на скопскиот регион. Според информациите што се објавени во денешното издание на весникот „Дневник“, очекувањата се дека ќе се јават и други заинтересирани компании за реализација на овој крупен проект, а понудите треба да се достават најдоцна до 25 мај. Изградбата на гасоводната дистрибутивна мрежа во скопскиот регион ќе се одвива по пат на јавно – приватно партнерство.

 

За добивање на концесијата за стопанисување на идниот систем за дистрибуција на природен гас во период од 20 години, приватниот партнер ќе треба да се обврзе дека ќе вложи во проектирање и изградба на инфраструктурата во сите 17 скопски општини. Финансиската конструкција на проектот е проценета на 98,4 милиони евра, а примарната гасоводна мрежа е предвидено да биде долга 250 километри. Изградбата на гасоводната мрежа би се одвивала во периодот од 2015 до 2019 година, при што дел од инфраструктурата би била пуштена за користење веќе во 2016 година.

 

По доставувањето на финалните понуди, ќе следува неколкумесечен процес на евалуација на условите што ги нудат компаниите од страна на Министерството за транспорт и врски. Со секоја од компаниите ќе се извршат преговори во однос на развојот на гасоводната дистрибутивна мрежа, по што ќе се донесе и конечната одлука за тоа која од нив ќе биде избрана за приватен партнер при реализацијата на проектот. Договорот за воспоставување на јавно – приватно партнерство би требало да се потпише до крајот на годинава.