Претходна статија
142 парцели за изградба на куќи огласени на продажба во Сарај
Следна статија
Заврши реконструкцијата на улицата „Капиштец“

Транспортот и во 2017 година бил еден од главните извори на загадување

Објавено на 07.09.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Доколку сака да влезе во Европската Унија, Македонија ќе мора да поработи на менување на структуралното учество на поединечни видови на превоз во севкупниот транспорт. Бројката на автомобили расте, а заедно со неа и потрошувачката на енергија и загадувањето на воздухот низ македонските градови. Државниот завод за статистика во публикацијата „Одржлив развој, 2018“ пресметал дека дури 97,2% од потрошувачката на енергија во транспортот произлегува од патниот превоз. Параметрите покажуваат забрзан пораст од 7,3% на енергетската потрошувачка во периодот 2010 – 2016 година, што директно влијае врз зголемувањето на аерозагадувањето.

 

 

Патничките автомобили лани учествувале во 79,3% од вкупниот патнички копнен сообраќај, наспроти уделот на автобускиот превоз од 20,2%. Наспроти позитивната пракса од земјите – членки на ЕУ, во Македонија лани железницата учествувала единствено со 0,5% од вкупниот број на остварени патнички километри. Ова е историски најлош рекорд во нашата земја. Структурата на товарниот сообраќај дава дополнителни загрижувачки показатели, па така патниот сообраќај учествувал со дури 96,4% од вкупната структура на товарниот превоз. Наспроти него, само 3,6% од стоката е превезена со возови, што е уште еден историски најлош резултат во македонската историја. Колку за споредба, 15,7% од остварените транспортни километри во товарниот сообраќај во 2008 година припаѓале на Македонските железници.

 

„Зголемената побарувачка на автомобили директно влијае врз структурата на патничкиот копнен сообраќај, негативно се одразува врз животната средина и здравјето, особено што со голем број возила се превезуваат мал број патници“ се наведува во извештајот на Државниот завод за статистика.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk