Министерството за транспорт и врски во вториот обид избра изработувач на физибилити студијата за дистрибутивна гасоводна мрежа во Македонија, објави економскиот интернет – портал „Фактор“. Македонско – бугарскиот конзорциум, составен од скопска „Топлификација Инжинеринг“, Градежен институт „Македонија“ и бугарски „Еврогаз“, има рок од осум месеци за да ја подготви потребната документација. Со физибилити студијата треба да се определат натамошните чекори за проектирање, инвестирање и изведба на дистрибутивните гасоводи во Македонија и нивно поврзување со магистралните гасоводни правци за наредните две до три децении. За изработка на овој документ од државниот буџет најповолниот понудувач ќе наплати 56.695.000 денари односно околу 922.000 евра. На јавниот оглас понуди доставиле вкупно четири компании.
Физибилити студијата е документ што треба да ја определи временската реализација на изградбата на дистрибутивна мрежа во земјава, но и да помогне во изборот на најповолното решение за финансирање на изведбата на гасоводната инфраструктура. Со неа ќе се дефинира и кои македонски општини треба да добијат приоритет во гасификацијата. Министерството за транспорт и врски во март годинава го поништи првиот тендер за избор на компанија што треба да ја изработи неопходната документација.