Претходна статија
Ќе се реконструира магистралниот пат Куманово - Страцин од Коридорот 8
Следна статија
ЕЛЕМ ќе подготвува главен проект за експлоатација на јаглен од битолско Живојно

Тетово годинава ја почнува изградбата на пречистителната станица за отпадни води

Објавено на 10.01.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Водата од реката Вардар во иднина ќе биде значително почиста. Со средства од ИПА фондовите на Европската Унија, во Тетово ќе се гради пречистителна станица за отпадни води, а ќе се врши и надградба на канализационата мрежа во градот. Милионскиот тендер се очекува да биде објавен во април годинава од страна на Министерството за финансии. Капиталниот зафат ќе биде поделен во два дела, коишто ќе се изведуваат паралелно од избраните компании. Изградбата на пречистителната станица за отпадни води треба да ги опфати домаќинствата и стопанските субјекти во Тетово, така што во иднината водите од канализационата мрежа најпрво ќе одат на преработка во инфраструктурниот објект, а потоа како пречистени ќе се исфрлаат во водите на реката Вардар.

 

Обемниот проект опфаќа изградба на главни канализациони колектори во должина од 19 километри, како и секундарна канализациона мрежа долга 32,4 километри. Нивната имплементација ќе овозможи подобро управување со отпадните води во Тетово, каде што со децении наназад не се инвестирани позначајни финансиски средства во надградба на канализационата мрежа. Заштитата на водниот потенцијал на реката Вардар ќе биде значајна не само за Полошкиот регион, туку и за квалитетот на речните води што течат низ македонскиот главен град.