Претходна статија
Цените на становите во Скопје продолжиле да паѓаат и во последниот квартал од 2012 година
Следна статија
Одземени концесиите за изградба на две мали хидроелектрани

Тендерот за нови патнички гарнитури за МЖ – Транспорт пролонгиран за шест месеци (ДОПОЛНЕТО)

Објавено на 18.02.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одлучи да го пролонгира публикувањето на меѓународниот тендер за купување на нови дизел и електро моторни гарнитури и 150 товарни вагони. Најновите планови се тој да биде објавен во текот на вториот квартал од 2013 година. Од ЕБОР не ги образложуваат причините за ваквиот потег. Одлуката нема да влијае на роковите за испорака и се очекува модернизацијата на возниот парк на Македонски железници – Транспорт да започне во текот на 2014 година. Од државната компанија објаснуваат дека нема да има одложување на проектот за шест месеци. „Промената на Генералната објава за набавки е направена од страна на ЕБОР со цел да ги рефлектира реалните можности за објавување на тендерот за набавка. Со оглед на тоа дека промените се нормални за вакви големи и специфични проекти, тие се прават со цел заинтересираните страни да добијат порано информации кои би им помогнале да се подготват за учество во проектот, што е подобра варијанта отколку да има точна објава која би дала краток рок за подготовка на учесниците“, истакнува за „Билд“ Кире Диманоски, директор за маркетинг и продажба во МЖ – Транспорт.

 

 


* Дизел моторна патничка гарнитура „Сименс Дезиро“ во Романија

 

 

Според официјалната објава на интернет – страницата на ЕБОР, со овој проект треба да се набават четири триделни дизел моторни гарнитури, две триделни електро моторни гарнитури, 150 вагони за товарниот сообраќај и да се реконструираат три електрични локомотиви од постоечкиот возен парк на државната компанија. Висината на кредитот изнесува 50 милиони евра, со период на отплата од 15 години и грејс период од три и пол години. Целокупната финансиска конструкција изнесува 59 милиони евра.

 

Македонија го потпиша договорот за заем на финансиски средства од ЕБОР во октомври 2012 година, а првичните официјални информации говореа дека меѓународниот тендер ќе биде објавен во последниот квартал од 2012 година. ЕБОР се одлучи да ја поддржи обновата на возниот парк на МЖ – Транспорт поради просечната старост на постоечките локомотиви и вагони, која изнесува помеѓу 30 и 45 години. Позначајни инвестиции во железницата не се извршени уште од почетокот на 90-тите години од минатиот век, а нови моторни гарнитури за превоз на патници последен пат се купени во 1986 година.